СЕ ПРИБЛИЖУВА СУПЕРТАЈФУН, ЌЕ НАВРНЕ ДОЖД И ДО 500 ММ: Моќта на Нанмадол се споредува со ураган од петта категорија
Јапонските власти
повикаа на евакуација на населението кое живее во делови на јужниот остров
Кјушу пред пристигнувањето на силниот тајфун кој може да донесе толку многу
дожд што висината на водата ќе достигне и до половина метар.
Тајфунот Нанмадол, класифициран како супер тајфун од Центарот за предупредување може да стане најразорната тропска бура што ја погодила Јапонија во последните децении.
Јапонската метеоролошка агенција објави дека може да издаде „специјално предупредување“ за префектурата Кагошима и другите делови на Кјушу уште вечерва.
Метеоролозите предупредуваат дека постои можност за високи бранови и многу силен дожд, а локалните медиуми наведуваат дека тоа би било прво вакво предупредување за која било префектура северно од Окинава.
Метеорологот Рјута Курора, на прес-конференција, предупреди дека областа може да биде погодена од „невидени“ бури и врнежи од дожд и го повика населението да се евакуира пред да се стемни.
Утре во делови од јужниот дел на Кјушу би можеле да наврнат и до 500 милиметри дожд, а во централната област Токаи околу 300 милиметри, прогнозира агенцијата.
Железницата Кјушу веќе почна да затвора одредени линии, а во недела се очекува поголем прекин на работата. Откажани се и десетици летови.
Нанмадол е 14-ти тајфун оваа сезона. Денеска се движеше во близина на јужниот јапонски остров Минами-Даито, продолжувајќи кон северозапад со брзина од 20 километри на час. Ветерот во срцето на невремето дува со брзина од 198 до 270 километри на час.
Невремето, еквивалентно на ураган од петта категорија во Атлантскиот океан, се прогнозира дека ќе се сврти кон исток и ќе помине над Токио во вторник пред да се пресели над океанот во среда.
