Се ближи ли крајот на владеењето на семејството Кастро?
Куба почна вчера 5-месечна политичка транзиција, која се очекува да стави крај на започнатото пред речиси 60 години управување на браќата Кастро, пренесоа американските медиуми.
До крајот на овој месец Кубанците ќе се собираат во мали групи, за да ги утврдат нивните кандидати за изборите за општинските совети на 22 октомври. Ова е прво гласање во серија на локално, провинциско и, на крајот, на национално ниво, забележува АП. Во следните фази ќе бидат избрани членовите на провинциските собранија и парламентот.
Се очекува до февруари новото Национално собрание на народната власт, еднодомен парламент, да избере претседател на Државниот совет (де факто - државен раководител) и членови на влијателниот орган.
86-годишниот Раул Кастро, кој моментно е претседател на Државниот совет, вели дека ќе поднесе оставка од функцијата дотогаш, но се очекува да остане на чело на владејачката кубанската Комунистичка партија. Во 2008 година тој го наследи како претседател својот поголем брат Фидел, историскиот лидер на Кубанската револуција од 1959 година, кој се повлече поради здравствени проблеми и почина минатата година.
Раул Кастро започна серија на бавни и ограничени социо-економски реформи. Кубанскиот лидер освен тоа постигна договор со претходниот претседател на САД Барак Обама за обновување на билатералните односи.
Веќе долго време се очекува следниот претседател на Државниот совет на Куба да стане Мигел Диас-Канел Бермудес. 57-годишниот прв заменик на Раул Кастро во последниве неколку години остана без внимание од јавноста.
Другите партии освен комунистичката немаат право на учество во изборите за општинските совети и властите работат за попречување на изборот на опозициски кандидати. Критичарите велат дека изборите се бесмислена вежба за создавање на илузија за демократија.
Опозициската коалиција соопшти дека очекува 170 дисиденти да се борат да бидат номинирани за локалните избори. На претходните избори неколку опозициски партии ја достигнаа оваа фаза, но беа победени на самите избори.
