„За дозите да можат да се испорачаат до учесниците на програмата преку оваа прва рунда на испорака, повеќе критични делови мора да бидат присутни, вклучително потврда на националните регулаторни критериуми за авторизација поврзани за испораката на вакцини, договори за обесштетување (за сите учесници со секој производител), национални планови за вакцинација како и логистички фактори како лиценци за извоз и увоз“, велат од ГАВИ.
Од Алијансата нагласуваат дека се во контакт со сите учесници во Ковакс за дистрибуцијата на вакцини, но без повеќе детали за процесот во однос на Македонија.
„Со финализирањето на подготовките, Ковакс ги издава нарачките до производителите и ги праќа и испорачува дозите преку редовен процес. Ова значи дека, од минатата недела, доставите за првата рунда испораки се одвиваат дневно, во транши“, објаснува Лаура Шевлин од ГАВИ.
Министерката за одбрана на земјава, пак, Радмила Шекеринска очекува утре на седница на Влада да се дискутира за дел од прашањата поврзани за добивање, пристигнување и исполнување на условите во однос на вакцините од КОВАКС механизмот.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа посочи дека се додека не добијат информации и владините министри, за сите овие прашања да се комуницира со институциите задолжени за тоа, потенцирајќи дека нема понови информации од она што е познато во јавноста.
„Знам уште од претходно дека сите услови кои се побаруваа во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште на самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на механизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите“, изјави Шекеринска, по денешната промоција на новиот софтвер за тестирање на знаењата на англискиот јазик на припадниците на Армијата и вработените во одбраната.
