СЕ БАРА РЕШЕНИЕ ЗА УКРАИНА: Кои земји се спремни да пратат војници?
Европските лидери разговараат за Украина, a во игра е и распоредување европски војници.
Велика Британија информираше дека е подготвена да испрати мировни трупи за да го поддржи секој мировен договор со Украина.
Коментарите на британскиот премиер Кир Стармер во неделата го одразуваат сознанието меѓу европските нации дека ќе мора да направат повеќе за да ја осигураат безбедноста на Украина. Вашингтон јасно стави до знаење дека Европа мора да престане да се потпира на САД за одбраната.
Германските власти соопштија дека „нема да се срамат“ од испраќањето копнени трупи, но дека не се очекуваат конкретни договори во Париз.
Премиерот Улф Кристерсон рече дека постои „апсолутна можност“ за испраќање шведски мировници, доколку и кога има јасен мандат. Холандската влада во текот на викендот, сигнализираше дека може да придонесе, со јасен мандат и ветување за поддршка на САД во каква било ескалација.
Сепак, соседот на Украина, Полска, која ја има третата по големина армија на НАТО, соопшти дека нема да обезбеди војници, додека Шпанија рече дека е прерано за таква понуда.
Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин за надворешни работи, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија и САД допрва треба да се договорат за тоа како да започнат преговорите за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина нема да ги признае руско-американските преговори за ставање крај на војната во Украина, пишува британски Гардијан. Првата фаза од преговорите треба да започне во вторник на 18 февруари во Ријад, Саудиска Арабија. „Украина нема да учествува во овие преговори, не знаеме ништо за нивното одржување во Саудиска Арабија. Украина верува дека преговорите за Украина без неа се без резултати. Ние не ги признаваме таквите резултати“, рече Зеленски. Руската инвазија на Украина почна пред три години. На 24 февруари 2022 година, Русија ја нападна Украина со барање за денацификација, демилитаризација и признавање на независноста на републиките Доњецк и Луганск, но потоа руските власти соопштија дека ќе се борат за ослободување на Донбас.
