Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БАРА ИТНА ОСТАВКА САМО ШЕСТ НЕДЕЛИ ПО НАЗНАЧУВАЊЕТО - Премиерката Трас се соочува со силен притисок

СЕ БАРА ИТНА ОСТАВКА САМО ШЕСТ НЕДЕЛИ ПО НАЗНАЧУВАЊЕТО - Премиерката Трас се соочува со силен притисок

Британската премиерка Лиз Трас се соочува со притисок да поднесе оставка дури и од нејзината Конзервативна партија само шест недели откако влезе во Даунинг стрит

На 23 септември Трас и нејзиниот поранешен министер за финансии Кваси Квартенг го објавија фискалниот пакет, т.н. мини-буџет, кој предизвика превирања на берзата - почнувајќи од падот на фунтата до паника во пензиските фондови, но и критики од Меѓународниот монетарен фонд, што е реткост, пренесува CNBC.

Дел по дел од тој пакет беше преработен и конечно откажан. Одбиено е планираното намалување на даноците на претпријатијата и планот за укинување на данокот на доход на најбогатите даночни обврзници, а периодот на гарантирани субвенции за сметките за енергија на домаќинствата и компаниите е скратен од две години на само шест месеци.

Последните планови на владата денеска ги соопшти новиот министер за финансии Џереми Хант, само три дена по преземањето на функцијата. Тој е четвртиот министер што ја презема оваа функција од јули.

Премиерката Лиз Трас во петокот го отпушти министерот за финансии Кваси Квартенг, а сега пратениците од целиот политички спектар ја повикуваат да го следат.

Пратениците од нејзината партија отворено ја повикуваат да поднесе оставка, при што до 100 членови на Конзервативната партија наводно потпишале писма за недоверба на премиерот, според извештаите на медиумите.

Анџела Ричардсон, конзервативна пратеничка за округот Гилдфорд, денес за Радио Тајмс изјави дека „повеќе не е одржливо“ Трас да остане премиер, додека Џејми Волис, конзервативен пратеник од Бриџенд, испрати писмо до барајќи нејзина оставка.

- Ве молам да се повлечете од премиерската функција затоа што верувам дека веќе ја немате довербата на државата или парламентарната партија. Ова е вистинскиот начин да се обезбеди стабилност, безбедност и просперитет на луѓето на кои им должиме се – вели Волис во писмото.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кир Стармер, во саботата на Твитер напиша дека „ториевците повеќе го немаат мандатот и довербата на британскиот народ“.

Лабуристите, исто така, повикаа Трас да се соочи со пратениците, откако таа одговори на само четири прашања од новинарите на конференцијата во петокот.

– Лиз Трас мора барем да одговори на прашањата на пратениците кои ги застапуваат семејствата чии животи беа доведени во опасност – рече Стармер.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата Opinion Research спроведено со Конгресот на синдикати покажува дека лабуристите се подготвени за убедлива победа на следните избори, пишува Гардијан. 

Слично

Поврзани вести