Економија, финансии, бизнис

Контакт

Саудиска Арабија ги прекина разговорите со Израел, Јордан предупредува „нов палестински егзодус ќе го турне регионот во амбис“

Саудиска Арабија ги прекина разговорите со Израел, Јордан предупредува „нов палестински егзодус ќе го турне регионот во амбис“

Саудиска Арабија ги прекина разговорите за потенцијална нормализација на односите со Израел, изјавија саудиски дипломатски извори за ДПА.

Монархијата ги прекина разговорите со посредство на САД за нормализација на односите со Израел поради израелското ракетирање на Појасот Газа, потврдија извори додека американскиот државен секретар Антони Блинкен се наоѓа во куса посета на Саудиска Арабија.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман минатиот месец потврди дека двете земји се движат кон нормализација на односите.

- Секој ден се приближуваме, изјави тој во интервју за Фокс Њуз, опишувајќи ги разговорите за првпат како сериозни.

Ријад вчера излезе со сериозна критика за „присилното преместување на палестинскиот народ од Газа“ и го осуди, како што го нарече, „континуираното гаѓање на цивилите“.

Саудиските власти реагираа откако израелската армија им нареди на жителите на северот на Газа да ги напуштат своите домови и да се упатат кон јужниот дел на енклавата, што предизвика стравувања дека може да следи копнена офанзива.

До пред две години Египет и Јордан беа единствените арапски држави со дипломатски односи со Израел.

Преку американско посредство, Израел од 2020 година воспостави односи со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, Мароко и Судан.

Предупредување денеска упати и Јордан од каде укажаа дека секој потег на Израел што ќе предизвика нов палестински егзодус ќе го турне регионот во „амбис“ на поширок регионален конфликт.

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади исто така рече дека израелската блокада на хуманитарната помош за Газа и принудувањето на нејзините жители да ги напуштат своите домови се „јасно“ кршење на меѓународното право.

Израел му даде рок на целото население на северниот дел на Појасот Газа до сабота наутро да се пресели на југ од енклавата, пред очекуваната копнена офанзива насочена кон милитантите на Хамас.

Сафади рече дека воената кампања против Хамас убива невини цивили и ќе доведе до очај и уништување што нема да донесе поголема безбедност на Израел.

„Војната убива и раселува невини Палестинци и ќе го остави регионот и светот да се справат со последиците од опкружувањето на уништување и беда што Израел ќе ги создаде во Газа“, рече Сафади по средбата со нејзината канадска колешка.

„Ова нема да постигне безбедност, ниту ќе доведе до мир“, продолжи Сафади.

Напорите на Израел за преселување на целото население се „црвена линија“ на која Арапите ќе се спротивстават, предупреди тој.

„Тоа ќе го одведе регионот во пеколот на војната, мора да ставиме крај на ова лудило“, заклучи тој. 

Слично

Поврзани вести