Економија, финансии, бизнис

Контакт

САНКЦИИ ОД ГЕРМАНИЈА ЗА ТУРЦИЈА: Габриел најави три мерки

САНКЦИИ ОД ГЕРМАНИЈА ЗА ТУРЦИЈА: Габриел најави три мерки

Германскиот шеф на дипломатијата, Зигмар Габриел на вонредна прес-конференција најави мерки против Турција поради апсењето германски државјани што Анкара ги обвинува за наводна соработка со терористи. 

Тоа претставува пресврт во односите меѓу Германија и Турција.

„На германската Влада не ѝ преостанува ништо друго освен да донесе три мерки со кои на Анкара ќе ѝ покаже дека вака повеќе не може. Пред нас е преиспитување на односите со Турција“- вели Габриел.

Германската Влада во иднина повеќе нема да дава гаранции за инвестициски кредити за Турција, а заедно со европските партнери ќе се преиспита и претпристапната помош на ЕУ на Турција.

Третата и најважна мерка, која најмногу ќе ја погоди Турција како туристичка земја, е безбедносното предупредување на Министерството за надворешни работи до граѓаните на Германија кои планираат да отпатуваат во Турција.

Германија за Турција е еден од најважните туристички пазари, а со оглед на тоа што предупредувањата на министерствата за надворешни работи по правило драстично ги намалуваат патувањата во земјите за кои е издадено предупредувањето, се очекува оваа мерка значително да го погоди турскиот туризам.

По германско-турскиот новинар Дениз Јуцел, кој веќе со месеци е во притвор во Турција, пред неколку дена беше уапсен и еден германски ИТ експерт кој во Турција, во организација на Амнести интернешнел, одржал предавање за информатичка технологија и поради тоа беше уапсен под обвинување дека „го помагал тероризмот“.

Односите меѓу Германија и Турција нагло се влошија по минатогодишната резолуција на Бундестагот во која колежот на турската војска над Ерменците во Првата светска војна е прогласен за геноцид. До тензии доведоа и германските забрани за настапи на турските политичари во Германија. 

Слично

Поврзани вести