САМО ДОСЕГА: 300 000 нови мигранти во Европа
Над половина од нив пристигнале во Грција.
Над 297.000 мигранти и бегалци дошле во Европа преку Средоземното Море од почетокот на годината, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ), цитирана од агенциите.
Од почетокот на годината до 14 септември во Европа по море стигнале вкупно 297 039 мигранти, прецизира агенцијата.
Најмногу мигранти пристигнале во Грција - 165 409 лица. Во Италија пристигнале 129 126 лица, во Шпанија - 2476, а во Кипар дошле 28 мигранти.
Во моментов повеќето мигранти се придвижуваат кон Италија, каде во периодот од 7 до 14 септември пристигнале 3801 лица. До Грција во овој период стигнале 876 лица.
Во Италија оваа година пристигнале главно Нигеријци, Еритрејци и Суданци, а во Грција - Сиријци, Ирачани и Авганистанци.
Вкупно 3212 лица оваа година загинале или исчезнале во обид да стигнат до европските земји, соопшти ИОМ.
Најмногу смртни случаи се регистрирани по маршрутата од Северна Африка за Италија (во централниот дел на Медитеранот) - 2765. При обидите на мигрантите да стигнат од Турција во Грција загинале 386 лица, а по должината на рутата од Северна Африка за Шпанија се удавиле 61 лице.
