Само 16 од 186 светски лидери се постари од Доналд Трамп
Најстариот светски лидер има 93 години, а најмладиот 36. Aмериканскиот претседател Доналд Трамп е на самиот врв на возрасната скала.
Доналд Трамп, кој ќе го прослави својот 80-ти роденден во недела со борба на UFC на тревникот на Белата куќа, е еден од најстарите шефови на држави во светот, според анализа објавена во вторник од истражувачкиот центар Пју.
Според податоците, само 16 светски лидери меѓу 186-те земји-членки на Обединетите нации се постари од Трамп. На врвот на листата се камерунскиот претседател Пол Бија (93) и саудискиот крал Салман бин Абдулазиз Ал Сауд (90). Најмладиот светски лидер, премиерот на Непал, Бален Шах, има 36 години. Шах, кој е и рапер, беше избран по протестите предводени од младите, што доведоа до пад на претходната влада.
Седум од десетте најстари светски лидери доаѓаат од африкански земји: Камерун, Малави, Брегот на Слоновата Коска, Екваторска Гвинеја, Зимбабве, Република Конго и Уганда.
Од 16-те лидери постари од Трамп, речиси половина ги водат земјите што Фридом Хаус ги класифицира како „неслободни“ врз основа на политичките права и граѓанските слободи на нивните граѓани, пренесува Forbes Bosna.
Анкетата на Пју од 2023 година покажа дека Трамп, кој стана најстарата личност што е инаугурирана за претседател во историјата на САД, не е на возраста каде што повеќето Американци сакаат лидер. Најголемиот дел од испитаниците, 49 проценти, веруваат дека идеалниот американски претседател треба да биде некој во педесеттите години. По него следат кандидатите во шеесеттите години, кои се претпочитани од 24 проценти од испитаниците. Само 3 проценти од Американците рекле дека би сакале претседател постар од 70 години.
Големо мнозинство Американци, 79 проценти, исто така, поддржуваат воведување возрасни ограничувања за избраните функционери, иако Уставот на САД во моментов не одредува максимална возраст за вршење функција.
Прашањата за неговата возраст и подобност за функција го прогонуваат Трамп откако стана најстарата личност што некогаш е инаугурирана за претседател на Соединетите Американски Држави во јануари 2025 година, на 78-годишна возраст.
Во медиумите се појавија фотографии и извештаи за модринки на раката, отечени глуждови и осип на вратот, но неговиот лекар ги отфрли овие симптоми како безопасни. Канцеларијата на Трамп потврди дека му е дијагностицирана хронична венска инсуфициенција, вообичаено нарушување на циркулацијата кај постарите лица, но Белата куќа инсистира дека состојбата не е сериозна и дека претседателот е способен за должност.
foto printskrin
