Економија, финансии, бизнис

Контакт

САД започнаа истрага и против Bosch по скандалот со Volkswagen

САД започнаа истрага и против Bosch по скандалот со Volkswagen

Американските власти гo истражуваат германскиот снабдувач на автомобилски делови „Robert Bosch“ за неговата улога во масовната шема за манипулирање на податоците на „Volkswagen“.

Федералните обвинители од американското Министерство за правда ќе испитуваат дали „Bosch“, најголемиот снабдувач на автомобилски делови во светот, знаел или учествувал во долгогодишните напори на „Volkswagen“ да ги заобиколи тестовите за штетни гасови кај дизел автомобилите, велат изворите. „Bosch“ произведува клучни компоненти од дизел моторите кои се користат во шест модели на „Volkswagen“ и еден модел на „Audi“, за кои автомобилскиот производител призна дека манипулираат со емисиите на тестовите. Федералните власти истражуваат и колку длабоко шемата е навлезена во хиерархијата на „VW“, велат изворите.

Истрагата е во рана фаза и нема индикации дека американските обвинители откриле докази за извршени прекршувања од „Bosch“, додаваат изворите, кои побарале анонимност поради доверливоста на информациите.

„Volkswagen“ призна дека има инсталирано софтвер кој им овозможува на дел од неговите дизел модели да поминат низ американските тестови за чисти емисии, затворајќи ги системите за контрола на емисиите, кога автомобилите се во движење. „VW“ изјави во септември дека околу 11 милиони дизел возила се погодени во целиот свет, вклучувајќи 482 000 во САД. Портпаролот на „Bosch“ одбил да даде коментар, како и претставникот на Министерството за правда.

„Bosch“ го обезбедува модулот за контрола на моторот, наречен „EDC17“, и основен софтвер за речиси сите 4-цилиндрични дизел автомобили, продадени во САД, вклучувајќи го и на „Volkswagen“, „BMW“ и „Mercedes-Benz“ и на „Daimler“. Овие системи го регулира начинот на кој возилото го прочистува изгореното гориво пред да биде ослободено во атмосферата во форма на гас.

За да можат властите да покренат обвиненија против „Bosch“, тие ќе треба да докажат дека давателот знаел дека технологијата се користела од „Volkswagen“ за манипулирање на емисиите, вели Даниел Ризли, адвокат во областа на животната средина во „Sive, Paget & Riesel PC“.

„Ако знаете дека е извршено кривично дело и имате активно учество во дел од него, тогаш сте под нишан“, изјавил Ризли.

Не е очигледно сепак каква улога одиграл „Bosch“, колку тесно работел со „VW“, за да се модифицира софтверот за управување на моторот, и до кој степен знаел за намерите на „VW“ да го користат софтверот за да ја измами емисија и стандардите.

„Bosch“ е главен снабдувач на компоненти кои се користат во „чистите дизел“ автомобили, одамна го промовира нивното прифаќање на американскиот пазар. Компанијата со седиште во Германија лобира кај американските законодавци од 2005 година за донесување на закони за поддршка на напредна дизел технологија, што се гледа од протоколите на Конгресот.

Од „Bosch“ изјавиле претходно за „Ројтерс“ дека компанијата испорачува компоненти, како системи за управување на моторот, според барањата на производителите на автомобили. Компанијата коментира дека „начинот на кој овие компоненти се калибрираат и интегрираат во автомобилските системи е одговорност на самиот производител“.

Слично

Поврзани вести