САД се закануваат со царини од 25 отсто за европските автомобили
Трговските односи меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија повторно влегуваат во чувствителна фаза, откако Вашингтон најави дека е подготвен да ги зголеми царините за европските автомобили и камиони од 15 на 25 отсто. Заканата доаѓа во момент кога ЕУ сè уште не го има заокружено законскиот дел од договорот постигнат лани во Тарнбери, Шкотска.
Според Ројтерс, американскиот трговски претставник Џејмисон Грир веќе им порачал на европските и германските претставници дека САД ќе продолжат со планот на претседателот Доналд Трамп за повисоки царини за автомобилите од ЕУ. Американската страна тврди дека Брисел доцни со преземените обврски, особено со укинувањето на царините за американски индустриски производи.
Договорот од Тарнбери предвидуваше САД да применуваат царинска стапка до 15 отсто за најголем дел од европските производи, вклучително и возилата, а Европската Унија да овозможи поволности за американски индустриски производи и дел од земјоделскиот и морскиот извоз. Сега, токму автомобилската индустрија станува најголемата точка на притисок во новата рунда преговори.
Американскиот амбасадор во ЕУ, Ендру Пуздер, изјави за Блумберг дека Вашингтон може „релативно брзо“ да воведе царини од 25 отсто за автомобили и камиони од Европската Унија, доколку блокот не го ратификува договорот во краток рок. Тој порача дека ЕУ има време да ја поправи ситуацијата, но дека тоа време е сега.
Во Брисел, пак, нема целосна согласност околу тоа како треба да изгледа конечната верзија на договорот. Европратеници бараат посилни заштитни клаузули, меѓу кои можност за суспензија на договорот ако САД не ги почитуваат преземените обврски. Се бараат и јасни рокови за проценка на ефектите од договорот, како и ограничувања за европските царински отстапки.
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија во Европскиот парламент, Бернд Ланге, оцени дека е постигнат одреден напредок, но дека останува уште работа пред договорот да добие конечна поддршка. Следната рунда разговори, според Ројтерс, е планирана за 19 мај во Стразбур.
Трговскиот спор веќе ја зголемува неизвесноста кај европските производители на автомобили и автомобилски делови. Германскиот производител Континентал предупреди дека би можел да се соочи со дополнителен финансиски удар ако новите американски царини ги опфатат и гумите, со потенцијален ефект од десетици милиони евра.
И покрај зголемениот притисок, двете страни формално остануваат во преговарачки процес. ЕУ инсистира дека ги спроведува обврските преку редовна законодавна постапка, додека Вашингтон бара побрз политички резултат. Крајниот рок што сè повеќе се споменува е јули, кога истекува периодот поврзан со привремените царински услови од договорот.
