САД: Работници го одбија синдикатот загрижени дека ќе им ја затвори фабриката
Со тесно мнозинство од 712 гласа „против“ и 626 гласа „за“ работниците во фабриката на Фолксваген во американскиот град Чатануга во Тенеси го одбија предлого на најголемиот автомобилски синдикат во државата УАВ да отвори огранок во нивната фабрика. Нивната одлука предизвика реакции во јавноста во САД, каде што речиси е правило вработените во некоја организација да се синдикално организирани.
„За жал, политичките мотиви ја загрозија економската иднина на оваа фабрика, и можноста да се организира успешен модел кој ќе беше пример за отворањето нови работни места во Тенеси“, изјави Гери Кастел, регионален водач на синдикатот УАВ.
Но, работниците имаат своја причина. Во 1988 година Фолксваген бил принуден да ја затвори фабриката Вестморланд во Пенсилванија, поради постојани штрајкови и нарушени односи со работниците. Државата Тенеси обезбедила околу половина милијарда долари субвенции за да ги убеди Фолксваген во 2011 година да ја отворат фабриката во Чатануга.
Оваа фабрика, која вработува околу 1.500 работници, го отсликува и новиот тренд на селење фабриките во САД од поранешните индустриски центри на северот, кон југот каде трошоците за работа се пониски, а регулативите полабави.
Раководството на Фолксваген го поддржало формирањето на синдикат во фабриката, согласно правилата кои компанијата ги почитува и во матичната Германија. Но, свесни за искуството со затворената фабрика Вестморланд, како и со пропаста на автомобилската индустрија во Детроит, работниците сами гласаа против создавање на синдикат.
Синдикатот ветува дека преку преговори со менаџментот на компанијата на работниците ќе им обезбеди повисоки плати и подобри пензиски и здравствени пакети, но во исто време, работниците се исплашени дека тоа може да доведе и до затворањето на фабриката. За едно работно место во фабриката во Чатануга аплицирале по 10 невработени.
Работниците во оваа фабрика заработуваат околу 27 долари на час, што е далеку над минималната плата во САД, која сега изнесува 7,25 долари, но е под платата и придонесите кои ги примаат работниците во автомобилските фабрики со силни синдикати.
Слично
