САД повикува на интернет војна против Исламската држава
Меѓународната коалиција предводена од САД, ги бомбардира положбите на екстремистите од Исламската држава во Ирак и Сирија, но властите во Вашингтон сега ги повикуваат сојузниците да се борат против исламистите и на Интернет.
Американскиот генерал Џон Ален, кој ја коориднира акцијата на меѓународните коалиции во борба против Исламската држава, изјави дека покрај воените интервенции не треба да се занемари „борбата против активностите на Исламската држава на интернет“.
„Радикалните сунити ќе бидат навистина поразени дури кога ќе им биде ускратен легитимитетот на нивните пораки на интернет“, рекол Ален, кој исламистичките активности на интернет ги опиша како „ужасна војна со регрутирање на невини млади луѓе“.
Високиот американски претставник, државниот потсекретар Рик Стенгел повика на формирање на „информативни коалиции“ која би дејствувала паралелно со војната.
На состанокот одржан синоќа во Кувајт, и посветен по тоа прашање, претставниците на заливските земји, Ирак, Египет, Велика Британија и Франција ветиле дека ќе ја зголемат борбата против екстремистичките пораки на Исламските држави на интернет.
Исламската држава по пат на интернет регрутирала неколку илјади млади волонтери од арапските, европските и азиските земји, кои во нејзините редови се борат во Сирија и Ирак.
Меѓу нив има 2000 млади од Европската унија. Младите се привлечени со „софистицирани кампањи“ на социјалните мрежи во кои се идеализираат подвизите на Исламската држава.
