САД посредуваат за подолг прекин на огнот меѓу Израел и Либан
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Израел и Либан се согласиле да го продолжат прекинот на огнот за уште три недели, по разговорите одржани во Белата куќа.
На состанокот учествуваа амбасадорите на двете земји во Вашингтон, а Трамп изјави дека очекува во следните недели во САД да пристигнат и либанскиот претседател Џозеф Аун и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со цел да се разговара за потраен договор.
Продолжувањето доаѓа во момент кога Вашингтон се обидува да ја задржи деескалацијата на границата меѓу Израел и Либан, каде што главен извор на тензии останува Хезболах.
Либанската амбасадорка Нада Мовад му се заблагодари на Трамп за посредувањето, оценувајќи дека со американска поддршка „Либан може повторно да биде голем“. Израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер, пак, рече дека Израел и Либан „никогаш не биле поблиску“ до договор.
Трамп подоцна објави дека разговорите поминале „многу добро“ и порача дека САД ќе продолжат да соработуваат со Либан за зајакнување на неговата безбедност и за ограничување на влијанието на Хезболах.
