САД под буџетска блокада, трпат земјите во развој!
Буџетската криза во САД , која доведе до делумeн прекин на работата на државната администрација , се заканува да ја поткопа глобалнaта доверба и да им наштети на најсиромашните нации, предупреди претседателот на Светската банка Џим Јонг Ким , пренесува Bloomberg .
„Тековната фискална несигурност во САД предизвика бројни проблеми " , коментира Ким пред студентите од George Washington University .
„Несигурноста , во комбинација со другите извори на нестабилност на глобалната економија , може да наштети на пазарите во Африка , Азија и Латинска Америка , кои во последните години направија сериозен чекор напред во борбата против сиромаштијата", додаде тој .
Околу 800 илјади државни службеници во САД од денеска се на принуден неплатен одмор, откако Белата куќа и Конгресот не успеаја да се договорат за буџетот по што дојде до делумно затворање на владините агенции. Дури и да се постигне договор во наредните денови, законодавците ќе се соочат со уште еден тежок спор - за максимумот на јавниот долг кој ќе биде достигнат на 17 октомври , наведува новинската агенција.
Ким вели дека ќе мора да предложи нова стратегија за работа на Светската банка следната недела . Тој посочи дека институцијата ќе биде селективна во однос на проектите кои ќе го финансира . Новата стратегија , пак, ќе биде фокусирана на целта за намалување на сиромаштијата до 2030 година и зголемување на приходите на 40% кај сиромашното население.
Во меѓувреме, претседателот на САД Барак Обама повторно ги обвини републиканците за ситуацијата во земјата . Тој посочи во соопштението дека колку подолго администрацијата не работи , толку поголемо ќе биде негативното влијание врз економијата .
„Затворањето на владините агенции поради републиканците не требаше да се случи . Сакам секој Американец да знае зошто е ова. Републиканците од Претставничкиот дом одбија да го поддржат финансирањето на владата се додека не се откажеме од законот за прифатлива здравствена заштита. Тие го блокираа Владата поради идеолошка крстоносна војна , со која сакаат да го отсечат пристапот на милиони Американци до здравствена заштита. Со други зборови , тие побараа откуп за да ја завршат работата" , коментира Обама.
Американскиот претседател повика за постигнување на брз договор, а потоа и на компромис за таванот на долгот .
„Ако демократите и републиканците не се договорат за долгот , тоа ќе биде уште полошо и од затворањето на администрацијата“, посочи тој.
Слично
