САД НАПАЃА ВО СИРИЈА: ИСИС или сириската војска, што е мета на Америка?
Претседателот на САД, Барак Обама денеска вети дека терористичката група ИСИС ќе биде уништена и секоја друга организација која ќе се обиде да ја повреди Америка. Оваа изјава Обама ја даде на своето обраќање пред Нацијата, по масакрот во Сан Бернардино, во Калифорнија, каде загинаа 14 лица.
Обама рече дека нема да ги засили воените операции во Сирија, туку дека ќе се бара политичко решение за ставање крај на граѓанската војна, за потоа силите да се насочат кон уништување на Исламската Држава.
Но, од друга страна Сириската влада, денеска ја обвини коалицијата предводена од САД дека наместо по ИСИС удира по сириските војници. Официјален Дамаск вложи протест пред ОН бидејќи авионите на коалицијата ги бомбардирале позициите на армијата во опколениот Деир ел Зор, при што загинале тројца сириски војници.
Американската воена коалиција пак, негираше дека бомбардирала позиции на сириската армија. „Ги видовме сириските извештаи, но ние не сме извршеле воздушни напади во овој дел на Деир Езор вчера. Па не гледаме докази“, изјавил портпаролот на коалицијата полковникот Стив Ворен.
Инаку, светските сили Русија и САД имаат различни политики во интервирањето во Сирија. Додека американците се залагаат за смена на сирискиот претседател Башар ал Асад, Русија коалицира со неговите приврзаници и соработува во уништувањето на Исламската држава.
