САД ја предупредуваат Русија да заборави на интервенција во источна Украина
Белата куќа ја предупреди денеска Русија да не се обидува да интервенира во источна Украина и притоа се закани со нови санкции кон Москва. Претставникот на Белата куќа Џеј Карни изјавил дека постојат силни докази оти проруските демонстранти, кои ги зазедоа зградите на регионалните власти во источните делови на Украина, биле платени и оти не биле локално население.
Според Карни, ескалацијата во Украина е резултат на нов зголемен руски притисок. Тој најави дека ќе дојде до сериозни санкции доколку Русија влезе во источна Украина, без разлика дали тоа ќе се случи отворено или прикриено.
Карни го повика рускиот претседател Владимир Путин да престане да ги дестабилизира украинските области и повторил дека Москва мора да ги повлече своите војници од руската граница.
Ситуацијата во Украина денеска повторно ескалираше откако проруски демонстранти прогласија „народна република“ во источниот град Доњецк и побараа да се одржи референдум сличен на кримскиот за отцепување на овие региони од Украина и приклучување кон Русија.
Слично
