САД ЈА ПОДДРЖУВААТ ИНДИЈА ВО БОРБАТА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ: Трамп се јави со реакција по нападот во Кашмир
Претседателот на САД, Доналд Трамп вели дека Индија има целосна поддршка од САД по нападот во Кашмир, каде загинаа најмалку 20 туристи. Некои од ранетите се во критична состојба.
Трамп рече дека од Кашмир пристигнуваат многу вознемирувачки вести. Додаде дека САД цврсто ја поддржуваат Индија во борбата против тероризмот.
„Се молиме за душите на загинатите и за закрепнување на повредените. Премиерот (Наредра) Моди и прекрасниот народ на Индија ја имаат нашата целосна поддршка и сочувство“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Како што објавија индиските власти, нападот го извршиле екстремисти. Нападот се случил во Пахалгам, живописен хималајски град кој често се опишува како „Швајцарија на Индија“.
Турист од Гуџарат, кој бил дел од групата, изјавил дека по ненадејниот напад настанал хаос и дека сите почнале да трчаат, да плачат и да викаат.
Малку позната милитантна група наречена „Кашмирски отпор“ ја презеде одговорноста за нападот во порака на социјалните мрежи. Тие изразија незадоволство затоа што над 85.000 „натрапници“ се населиле во овој регион, поттикнувајќи „демографски промени“.
Во Индија во моментов престојува и американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, кој денес се сретна со премиерот Моди.
Во регионот имаше бунт за независност од индиската власт. Пахалгам, омилено место за туристите, привлече над 3,5 милиони посетители во 2024 година. Последниот голем напад се случи во јуни 2024 година, кога терористите нападнаа автобус со хинду аџии, при што загинаа девет луѓе, а 33 беа повредени.
