САД ги прошири санкциите против Северна Кореја
Сенатот на САД едногласно усвои закон за проширување на санкциите против Северна Кореја во врска со нејзината нуклеарна и ракетна програма.
Според текстот на законот, администрацијата на САД ќе биде обврзана да спроведе истрага во однос на американски и други странски компании, осомничени во таква активност, како и во помагање на владата на Пјонгјанг во перење пари, производство на фалсификувани стоки и трговија со дрога.
Воспоставена е забрана за испорака во Северна Кореја на луксузни стоки. Се предвидуваат санкции за оние кои придонесуваат за кршење на човековите права во оваа земја.
Одлуката беше поддржана од 96 од 100-те членови на Сенатот, а против немаше. Како што истакна порано претседателот на сенатската комисија за надворешни работи, републиканецот Боб Коркер, овој документ предвидува санкции не само за Северна Кореја, но и за компаниите кои ја поддржуваат во одредени области.
