Руско МНР: Американските колеги да престанат да ја демонизираат Русија
Заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, направи уште една серија на антируски изјави во Подгорица, заплашувајќи ги лидерите од Западен Балкан со митската „руска закана“ и притоа ја обвини нашата земја дека се обидува насилно да ги прекрои границите на регионот, се вели во реакцијата на руското Министерство за надворешни работи.
Руското МНР ги повикува своите американски колеги да престанат да ја демонизираат Русија.
Ова следи по изјавата на Пенс дека официјална Москва се меша во внатрешните работи на земјите од Западен Балкан, па дури и дека заговара прекројување на граници.
Од руското МНР велат дека Вашингтон ја продлабочува употребата на примитивните клишеа водени од идеологијата од ерата на Студената војна, кои воопшто немаат допир со реалноста.
„Наметнувањето на земјите од Балканот очигледно деструктивен избор да се биде „или со Западот ли со Русија“, неизбежно ја дестабилизира ситуацијата во регионот, но и во одредени држави. Истовремено, Вашингтон активно ја промовира идејата дека не постои алтернатива за НАТО за земјите од Југоисточна Европа и продолжува да спроведува проекти кои се темелат на бескруполозна конкуренција и кои имаат контрадикторна економска логика“- се наведува во реакцијата.
Руското МНР, осврнувајќи се надворешното мешање во работите на земјите од Балканот, потсетува дека САД и нивните сојузници го прекршија меѓународниот закон во 1999 година со илегалната употреба на сила за отцепување на Косово од Србија, но и со последните случувања во Црна Гора и во Македонија.
„САД и Европската Унија не се двоумеа да ја игнорираат волјата на гласачите во Македонија и не ѝ дозволија на партијата што победи на изборите од 11 декември да формира влада. Кој се меша во внатрешните работи и користи силa на Балканот? Москва или Вашингтон?“- стои во реакцијата.
Од руското МНР велат дека надворешната политика на земјата се темелела на почитување на партнерите, почитување на заедничките конструктивни работи и на заедничките интереси.
