Економија, финансии, бизнис

Контакт

Рускиот гас – за пријателите со попуст, за останатите „по ценовник“

Рускиот гас – за пријателите со попуст, за останатите „по ценовник“
Повеќе од 20 европски земји во моментот во голема мера се зависни од увозот на нафта и гас од Русија. Податоците на британската Агенција за информирање за енергетика покажуваат дека европските земји 3/4 од вкупно увезената нафта набавуваат од Русија, како и 76% од увезениот природен гас. Најголем купувач на двата руски енергенси во Европа е Германија. Меѓутоа за сите купувачи цената не е иста. Белорусија, на пример, плаќа 146 долари за 1.000 кубни метри, додека Украина до неодамна со попуст од околу 35% плаќаше 268,5 долари за 1.000 кубни метри гас. На цената на руската нафта и гас влијаат повеќе различни моменти, но меѓу другото влијание има и фактот дали државата-купувач има пријателски или некаков друг статус со оваа земја богата со стратешки суровини. Конкретен пример за вакво „политичко“ влијание врз цената на руските енергенси се Белорусија и Украина - двете земји во непосредно соседство на Русија. Првата повеќе од две децении добива гас и нафта од Русија по повластена тарифа, додека за втората веднаш по револуционерната промена на власта во Киев веднаш започнаа да важат „пазарни цени“. Белорусија сега добива огромни количества руски гас по цена од приближно 140-146 долари за 1.000 кубни метри, додека украинската државна компанија „Нафтогас“ за истото количество ќе мора да плаќа и до три пати повеќе од белоруските купувачи, бидејќи тоа е цената на меѓународниот пазар. Аналитичарите во Москва истакнуваат дека „исклучително повластената“ цена на рускиот гас Минск ја добил така што на Русија по долги преговори и го продал мнозинскиот пакет акции во белоруската државна компанија за гас, во чија сопственост се наоѓаат и големи гасоводи со кои рускиот гас пристигнува и до европските купувачи. Киев, пак, од очигледно политички причини сега се најде во групата земји за кои важи пазарната цена. Украина набавува и дел од нафтата од Русија, но тој пазар е пофлексибилен, со оглед на тоа што доколку Москва постави енормно високи цени и за овој енергенс, сепак тој може да се набавува и од други извори. Бугарија, која речиси целосно е зависна од рускиот гас, а во голема мера и од нафтата, успеа кога двете земји го склучија договорот за изградба на гасоводот „Јужен тек“ да издејствува одредени попусти од Москва на цената на нафтата и гасот, но деталите од тој аранжамн не се објавени. Србија, која заедно со Бугарија треба да биде многу важна карика во проектот „Јужен тек“ исто така минатата година успеала да добие попуст на цената на рускиот гас за кој сега „Србијагас“ плаќа околу 370 долари за 1.000 кубни метри. Рускиот гигант „Газпром“ минатата година го зголеми извозот на гас во Европа за 24% на 139,32 милијарди кубни метри, додека испораката на нафта пораснала за 170 милиони тони во споредба со 2012 година. Руските власти најавуваат дека ќе продолжат да ги снабдуваат своите европски купувачи со енергенси „по реални пазарни цени“, кои сепак нема да важат за Белорусија и за неколку други земји од руското опкружување, како и за некои подалечни земји од кои Москва има интерес и ги третира како „стратешки партнери“.
Слично

Поврзани вести