Руски ултиматум за Украина и ЕУ
В понеделник истекува рокот до кога Москва очекува од Киев да си го плати заостанатиот долг за испорачаниот природен гас. Пред овој датум нема намери да се одржат нови средби на руските со украинските и европските претставници.
Ова ја зголемува неизвесноста за испораката на руски гас кон Европа, особено затоа што Москва и Киев до сега не најдоа заеднички јазик за подмирување на долгот и за новата тарифа што Украина ќе треба да ја плаќа за испораките во иднина.
„До сега не се планирани никакви нови состаноци“, изјави портпаролот на руското Министерство за енергетика Олга Голант, додавајќи дека руските официјални претставници немаат намера по телефон да разговараат за ова чувствително прашање пред истекот на крајниот рок за Киев.
Рускиот министер за енергетика Александар Новак веќе најави стопирање на испораката и воведување на авансно плаќање за гасот, доколку Киев не си ги покрие долговите до 7 часот наутро на 16 јуни.
Еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер изрази надеж дека нова рунда разговори меѓу Русија и Украина со кои би се спречил прекин во испораката на природен гас, би можеле да се одржат викендов. Европа е загрижена, бидејќи испораката на гас за многу европски земји оди преку Украина.
Слично
