Руската црква препорача да не се осветува тешкото оружје
Руските свештеници треба да се воздржат од благословување на нуклеарното и другото оружје за масовно уништување, според најновите упатства на Руската православна црква.
Во своите две децении на власт, рускиот претседател Владимир Путин се зближи со црквата која разви блиски односи со Министерството за одбрана.
Руските свештеници често може да се видат на фотографии како со света вода осветуваат подморници, балистички ракети, вселенски ракети на Сојуз и друга воена опрема.
Меѓутоа, ова треба да престане доколку се донесе документот подготвен од специјална црковна комисија.
„Благословот на оружјето не е во традиција на Православната црква и не е во согласност со обредите“, се наведува во документот објавен на веб-страницата на Московската патријаршија.
Благословот или осветувањето на оружјето што може да убие „неограничен број на луѓе“, мора да биде исклучен од пастирската пракса, се додава во истиот.
Предлогот треба да се разгледа до 1 јуни во дебата во која може да бидат вклучени граѓани, според Патријаршијата.
Во воениот тематски парк надвор од Москва во моментов се гради раскошен православен храм кој треба да биде еден од најраскошните во светот.
