Русите тврдат дека Украина ги пали полињата со жито кај Херсон
Русија ја обвини Украина дека пали полиња со жито.
За „РИА новости“ заменик-шефот на воената и цивилната администрација на Херсонската област, Кирил Стремусов изјави дека украинските безбедносни сили запалија полиња со пченица на границата со Херсонската област.
„Летаа хеликоптери и палат полиња со пченица на демаркациската линија. Тоа е нацистичкиот режим и не им е грижа“, изјавил Стремусов.
Вели дека сегашниот режим во Киев живее од грантови од колективниот Запад, а обичните луѓе немаат многу интерес за нив.
„Украина и Русија се на чекор до постигнување договор за извоз на житo“, тврди украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во интервју за шпанскиот весник Ел Паис.Во тек се меѓународни преговори за организирање извоз на украинско жито преку Црното Море. Турски претставници разговараат за создавање таканаречен житен коридор со Киев и Москва. Претходно, Москва нагласи дека Русија не го спречува извозот на украинско жито преку море. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе гарантира непречен премин на бродови со украинско жито, доколку Киев ги исчисти своите пристаништа од мини.
