Русите се јавија со реакција: Дадоа објаснување за дроновите кои влегоа во полскиот воздушен простор
Руското Министерство за одбрана се јави со реакција по упадите на руски дронови во полскиот воздушен простор, за што претходно информираше Варшава. Русите тврдат дека Полска не била мета.
„Целите на нападот се остварени. Сите одредени цели беа погодени. Ниту една цел на територијата на Полска не беше планирана како мета“, се наведува во соопштението на министерството.
Тие додаваат дека дострелот на руските беспилотни летала користени во нападот, кои наводно ја преминале полската граница, „не надминува 700 километри“.
„Сепак, подготвени сме да одржиме консултации со полското Министерство за одбрана по ова прашање“, наведе руското Министерство за одбрана.
Кремљ одби да коментира за инцидентот, со порака дека тоа е прашање за функционери од одбраната.
Полска објави дека во среда ја активирала сопствената и воздушната одбрана на НАТО за да ги собори беспилотните летала што влегоа во нејзиниот воздушен простор за време на рускиот воздушен напад врз западна Украина. Ова е прв пат од почетокот на војната во Украина Варшава да распореди средства во својот воздушен простор.