Русите кои војувале во Украина нема да можат да влезат во ЕУ?
Европската Унија(ЕУ) предлага воведување забрана за влез на руски државјани кои служеле во руските вооружени сили од почетокот на војната во Украина, како дел од новиот, 21-ви пакет санкции против Москва.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека целта на мерката е да се осигури дека „Европа ќе остане недостапна за секој што учествувал во инвазијата врз Украина“.
Покрај визните ограничувања, новиот пакет санкции предвидува продолжување на ограничувањето на цената на руската нафта, како и мерки против криптовалутни платформи, банки и трговци кои ѝ помагаат на Русија да ги заобиколува постојните санкции.Европската Унија планира дополнително да санкционира уште 30 танкери од таканаречената „флота во сенка“ што Русија ја користи за извоз на нафта. На листата на нови ограничувања би можеле да се најдат и одредени видови риба од Русија, меѓу кои полок и бакалар.
Брисел исто така има намера да ги заостри мерките против компании од трети земји кои ја снабдуваат руската воена индустрија. Според европски претставници, новите ограничувања би опфатиле уште 14 компании од континентална Кина и Хонг Конг.
