Русите да ги заштитат од Азербејџан, ова го бара Ерменија
Eрменците ги молат Русите да им помогнат, затоа што повторно имаат проблеми со Азербејџан.
Ерменија побара помош од Москва за да се одбрани од соседот по новите судири долж границата. Земјата ги повикува Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност, составена од Ерменија, Русија, Казахстан, Белорусија, Киргистан и Таџикистан, како и Групата Минск на ОБСЕ да интервенираат и да преземат мерки „за отстранување на азербејџанските вооружени сили“ од територијата на Ерменија.
Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека нивните сили спречиле „големи провокации“ од ерменските сили во областите Калбакар и Лацин кои граничат со Ерменија.
Од азербејџанското Министерството велат дека повредени се двајца војници при нападот од ерменска страна.
Во ноември, ситуацијата во Карабах и пограничните региони на Сјуникската област во Ерменија нагло се заостри. Двете страни редовно известуваат за вооружени инциденти, вклучувајќи и жртви. На 13 ноември, Ереван и Баку меѓусебно се обвинија за гранатирање воени позиции.
Ерменија и Азербејџан минатата година водеа 44-дневна војна за Нагорно-Карабах, во која загинаа повеќе од 6.500 луѓе.
Минатогодишната војна заврши на 10 ноември кога примирјето со посредство на Русија му даде на Азербејџан контрола на делови од Нагорно-Карабах, како и на соседните територии кои претходно ги држеа етничките Ерменци.
