Русин од Санкт Петербург сакал да се приклучи на украинската војска, го осудија за предавство
Русин e осуден на Крим за предавство, затоа што се обидел да преплива до Одеса и да им се приклучи на Украинците.
Врховниот суд на Крим осуди граѓанин на Санкт Петербург на шест години затвор, откако е прогласен за виновен за предавство, затоа што се обидел да преплива од Крим до Одеса и да се придружи на украинската војска, објави прес-службата на судот. 40-годишниот маж од Санкт Петербург се противел на руските напади во Украина, поради што решил да учествува во непријателствата на страна на украинските сили, наведува агенцијата РИА Новости.
Тој преку интернет, стапил во контакт со претставници на украинска воена единица на доброволци која регрутира Руси и организира нивно заминување во Украина. Кај Бријанск не успеал да ја помине границата, по што сакал тоа да го стори преку море. Купил одело за нуркање, пераи, компас, подводна батериска лампа и водоотпорна торбичка. Лани во август стигнал на Крим, за потоа да почне да плива во Црното море, во правец на Одеса. Руски пограничен брод го фатил на 8 август, во близина на селото Оленевка на Крим, кога е уапсен. Инаку, деновиве украинската страна објави дека човек кој ги обучувал нивните војници бил руски шпион. Украинската безбедносна служба соопшти дека еден маж е уапсен во Миколаев, јужна Украина, кога било откриено дека собирал разузнавачки информации за Русија.
foto EPA-EFE/STRINGER
