РУСИЈА ВОДЕВДУВА ПРИВРЕМЕНА ЗАБРАНА ЗА УВОЗ НА РИБА ОД ЈАПОНИЈА: Ќе проверуваат дали е безбедна за јадење
Руската Федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна
контрола, Росељхознадзор, денеска објави дека воведува привремени ограничувања
за увоз на риба и морски плодови од Јапонија поради испуштање на прочистена
радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима.
„Росељхознадзор превентивно се приклучува кон привремените рестриктивни мерки на Народна Република Кина за увоз на риба и морски плодови од Јапонија од 16 октомври“, се наведува во соопштението.
Мерките ќе бидат во сила сè додека не се обезбедат „сеопфатни информации неопходни за потврда на безбедноста“, во согласност со барањата на Евроазиската економска унија, се додава во информацијата.
Експертите на Росељхознадзор конкретно ќе ги проверуваат производите од морска храна, пренесува РИА Новости.
Во август Токио почна да исфрла вода во океанот која се акумулирала како резултат на ладењето на реакторот за итни случаи на нуклеарната централа Фукушима, каде што се случи катастрофата во 2011 година, а целиот процес ќе трае 30 години.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека ослободувањето е целосно во согласност со меѓународните стандарди, но Кина, главниот увозник на јапонската морска храна, воведе целосна забрана за увоз и преработка.
Уделот на Русија во извозот на јапонската морска храна е 0,1 отсто.
фото: EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA