Русија веќе ќе може да отфрла одлуки на меѓународни судови
Претседателот Владимир Путин потпиша закон кој и дозволува на Русија да ги отфрла одлуките на меѓународни судови, вклучувајќи ги и оние на Европскиот суд за правата на човекот, пренесоа агенциите, цитирајќи руски медиуми.
Законот, усвоен овој месец од страна на парламентот, му дава право на Уставниот суд на Русија да не прифаќа решенија на странски судови, ако тие се спротивни на уставот, соопштуваат медиумите.
Минатата година, Европскиот суд за човекови права во Стразбур нареди Русија да плати скоро 2 милијарди евра како надомест на поранешните сопственици на руската нафтена компанија Јукос.
Европскиот суд пресуди 1,86 милијарди евра надоместок за поранешните акционери на Јукос.
Руската влада го ликвидираше Јукос во почетокот на 2000-те години, откако го стави нејзиниот шеф Михаил Ходорковски во затвор под обвинение кое според негови приврзаници се покренати за да се пресечат неговите политички амбиции. Ходорковски помина повеќе од десет години во затвор.
Со новиот закон, кој според многумина е начин Русија да не ја исплати компензацијата поради Јукос, може да се наруши довербата кон неа како членка на меѓународни договори, забележуваат агенциите.
Русија ја потпиша во 1998 година Европската конвенција за човекови права и е должна да ги спроведува одлуките на судот во Стразбур.
