Русија уценувала земји за да гласаат против резолуцијата на Украина, тврди Ројтерс
Русија им се заканила на повеќе земји-членки на Обединетите нации да гласаат против Резолуцијата за поддршка на територијалниот интегритет на Украина, пишува Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори. Според нив, заканата се однесувала на повеќе земји од Источна Европа, Централна Азија и Африка, кои Москва ги уценувала со депортација на работници мигранти, намалување на испораката на гас или со забрана за увоз на нивните стоки во Русија.
Резолуцијата беше изгласана во Генералното собрание на Обединетите нации, каде што 100 земји гласаа „за“, 10 беа „против“, а 58 гласаа „воздржано“, но одреден број земји избраа воопшто да не ризикуваат и да не го притиснат копчето за гласање.
Официјална Москва, напротив, тврди дека притисок за изгласување на Резолуцијата вршеле американски и западни дипломати. Според рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, САД им ја „извртеле раката“ на 50-тина земји принудувајќи ги да го поддржат документот со кој за невалиден се прогласи референдумот на Крим.
„Ако се земе предвид дека „западната група“ во најширока смисла, вклучувајќи ги Австралија, Нов Зеланд и други, е составена од околу 40-тина земји, тогаш е јасно дека најмалку 50 гласа се добиени со извртување раце или со принуда на некој друг начин“, рекол Лавров, според кого уцените на западните земји вклучувале укинување на политичка поддршка и откажување на веќе потпишани договори.
За потсетување, Македонија гласаше „за“ Резолуцијата за поддршка на територијалниот интегритет на Украина, додека Србија и Босна и Херцеговина избраа да не се изјаснат.
Слично
