Русија тајно му помага на Трамп?
Шефот на изборниот штаб на Хилари Клинтон тврди дека е жртва на сајбер-напад. Џон Подеста соопшти дека ФБИ веќе започнале истрага за ова прашање. Според него станува збор за „криминален пробив“ во неговата електронска пошта, дел од која веќе беше објавена од Викиликс. Подеста додаде дека истрагата на ФБИ е дел од големата операција, испровоцирана од хакерските напади врз компјутерите на американската Демократска партија.
Подеста, кој своевремено работеше и во екипите на Бил Клинтон и на актуелниот претседател Барак Обама, тврди дека нападите се дело на Русите, при тоа веројатно заедно со штабот на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. Во изјавата Подеста зборува за „руска интервенција во изборите“ и за обидите на Москва „да влијае врз гласови во корист на Трамп“. Во контекст на ова, Подеста додаде дека во надворешните ставови на Трамп „има повеќе заедничко со руската надворешна политика“, отколку со онаа на Вашингтон.
Неодамна и владата на САД ја обвини Русија дека хакерските напади против Демократската партија имале за цел да се влијае на предизборната борба. Русија категорично ги отфрла обвинувањата.
Подеста тврди уште дека Доналд Трамп претходно бил известен од основачот на Викиликс, Џулијан Асанж за објавување на предметните пораки. И потсетува дека советникот на Трамп, Роџер Стоун уште во август напиша на Твитер дека наскоро ќе дојде времето и на Подеста.
Според Подеста, новите откритија на Викиликс се „контрамерка која цели да го оттргне вниманието од одвратните работи“, изречени од Трамп во едно неодамна појавено видео. Како што знаете, во ова видео од 2005 година Доналд Трамп зборува со вулгарен тон за жените и се фали со својата сексуална самодоверба. Овие изјави предизвикаа огромно негодување, а десетици водечки републиканци ја повлекоа поддршката за Трамп.
Во петокот Викиликс почна да објавува илјадници пораки за кои се тврди дека се од приватниот профил на Подеста во Гугл. Се смета дека руски хакери и ја дале на платформата оваа конверзација. Досега објавените пораки не предизвикале никаков скандал, иако со нивна помош јавноста добива внатрешни информации за тоа како работи предизборниот тим на Хилари Клинтон.
Уште во август Викиликс објавува пораки на луѓе од раководството на Демократската партија. Од нив се разбра дека овој дел од раководството бил на страната на Хилари Клинтон уште пред почетокот на внатрепартиската трка. Откритијата ја принудија претседателката на Националниот комитет на Демократската партија, Деби Восерман Шулц да поднесе оставка.
