Русија регрутира Кубанци за да се борат во Украина?
Куба откри трговија со луѓе за војната во Украина.
Куба идентификуваше наводен синџир на трговија со луѓе со цел да регрутира државјани да се борат во војната во Украина на страната на Русија, објави кубанското Министерството за надворешни работи. Кубанската влада покрена кривична постапка против оние кои организирале трговија со луѓе.
„Владата работи на разбивање на „мрежата за трговија со луѓе што оперира од Русија за да вклучи кубански граѓани кои живеат таму, па дури и некои од Куба, во воените сили вклучени во воените операции во Украина“, стои во соопштението на министерството, пренесе Франс-прес.
Од Москва немаше никаква реакција до објавувањето на веста.
Весникот „Америка ТеВе“ со седиште во Мајами во петокот објави сведоштво на двајца тинејџери кои велат дека биле измамени да работат заедно со руската војска на градилиштата во Украина.
Во видео-пораката објавена на веб-страницата на весникот, еден од тинејџерите повикал на помош за што поскоро да излезе од Русија. Видео пораката е испратена од автобусот што ги превезувал од Украина до рускиот град Рјазан заедно со руските војници. Друг Кубанец за медиумите изјави дека потпишал договор со вооружените сили на Москва со надеж дека ќе го легализира својот статус во Русија.
Откако почна војната во Украина лани на 24 февруари, во медиумите имаше тврдења дека Русија бара луѓе од Либан за да се борат, но и од Непал. Украина спроведува контраофанзива за враќање на окупираните територии.foto Reuters
