Русија побара широка коалиција против „Исламска држава“
Москва нуди во битката против џихадисти да се вклучат сириски и ирачки владини сили.
Русија инсистира на формирање на широка коалиција во борбата против „Исламска држава“, во која влегуваат ирачки и сириски владини сили, пренесе агенцијата "Блумберг", повикувајќи се на изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој беше во Доха на средба со американскиот државен секретар Џон Кери и саудискиот колега Адел ал Джубеир. Според Москва воздушните напади, нанесени на џихадисти од коалицијата предводена од САД, не се доволно ефикасни. „Исламска држава“ веќе контролира големи области во Сирија и Ирак. „Потребен е антитерористички фронт со учество на ирачки, сириски и курдски копнени сили“, изјави Лавров по средбата со Кери и Ал Джубеир. Рускиот министер за надворешни работи ја критикуваше одлуката на Вашингтон да се брани со воздушни напади од обучените од САД сириски умерени бунтовници против силите на Асад. Според рускиот дипломат број 1 ова е "контрапродуктивно", бидејќи се саботирани напорите во борбата против „Исламска држава“, се вели во соопштението на МНР во Москва.
Лавров нагласи дека неговата земја ќе продолжи да придонесува за дијалог меѓу сириската влада и опозицијата под покровителство на ОН. Тој инсистираше веднаш да се стави крај на „надворешна интервенција“ во земјата.
Во исто време американскиот дипломат Џон Кери беше категоричен дека САД продолжуваат да инсистираат за соборувањето од власт на Башар ал Асад.
„Сметаме дека Асад и неговиот режим пред доста време ја загубија својата легитимност донекаде поради тоа што продолжуваат злосторствата против жителите на Сирија ... Така земјата се претвора во магнет за странски борци. И бидејќи нема воено решавање на предизвиците во Сирија, очигледно е потребно политичко решение“, изјави тој во Доха.
Идеја
Рускиот претседател Владимир Путин ја предложи идејата за коалиција против „Исламска држава“ за време на состанокот во јуни во Санкт Петербург со министерот за одбрана на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман, кој е син на кралот Салман, потсетува "Блумберг". Ријад ги поддржува бунтовниците против Башар Асад, зад кого стојат Русија и Иран.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретна со катарскиот колега Калид бин Мохамед ал Атијах за време на средбата во Доха. Тој одржа разговор и со лидерот на "Хамас" Калед Маша и го покани во посета на Москва.
