Русија најави подготвеност да ја прошири помошта за Сирија
Русија објави дека испраќа воени испораки, советници и хуманитарна помош за Сирија, а ако Дамаск побара, Москва ќе испрати и дополнителна помош. Испораките вклучуваат оклопни превозници, гранати, камиони и муниција, посочува рускиот комерсант.
Тоа ги засили стравувањата на САД за ескалација на граѓанската војна во земјата што би внела уште повеќе мигранти кон Европа, забележуваат агенциите.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров коментирал дека руските војници престојувале во Сирија во текот на многу години наназад, за да ги обучуваат и поддржуваат силите лојални на претседателот Башар ал Асад, во четиригодишната граѓанска војна во земјата.
Според зборовите на Лавров, Кремљ ќе преземе дополнителни чекори „исклучително по барање и со согласност на Сиријската држава или други земји во регионот, ако станува збор за помош во борбата против тероризмот“.
Поддршката на Русија за Асад повторно ја соочи Москва против САД, иако претседателот Барак Обама не презема воени мерки, за да го отстрани. Наместо тоа Вашингтон поддржува т.н. умерени бунтовници, кои се противат и на Асад, и на радикалната организација „Исламска држава“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјавил во четвртокот дека Москва ја поддржува сириската армија, бидејќи нема други доверливи групи кои би се справиле со исламските екстремисти. Песков додал дека Русија ќе го постави прашањето и пред Генералното собрание на ОН, кое ќе се одржи во текот на овој месец во Њујорк.
Агенцијата потсетува дека Бугарија и Украина одбиле претходно оваа недела да обезбедат пристап до воздушниот простор за руските летови до Сирија, а Грција објави дека САД побарале од Атина да го затвори воздушниот простор за руските авиони кои летаат за Сирија. Истовремено сепак Иран - другиот сојузник на Асад, се согласи руските авиони со испораки да поминат низ воздушниот простор на земјата.
Портпаролот на Стејт департментот на САД, Џон Кирби коментирал во средата дека ако Русија сака да помогне во спротивставувањето на „Исламска држава“, „начинот да се направи ова е да се запре поддршката за Башар Асад“.
Во меѓувреме и Израел се приклучи на гласините против проширувањето на руското воено присуство во Сирија. Министерот за одбрана на земјата Моше Јалон коментирал за новинарите дека испратената воена помош има за цел создавање на авиобаза во реонот на Латакија во Сирија, пишува британскиот весник „Guardian“. Главната цел сепак е Москва да ги заштити своите интереси во земјата - односно безбедноста на воената база во Тартус на брегот на Средоземното Море.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг исто така, посочил дека Алијансата е повеќе загриженa поради руската воена активност во Сирија.
Јалон инсистирал дека ако Русите планираат напади врз борците на „Исламска држава“, тие ќе треба да ги усогласат своите намери со САД која предводи со меѓународната коалиција.
