Русија најави отворање на хуманитарни коридори во неколку градови во Украина
По два неуспешни обиди, за денеска е договорен привремен прекин на огнот, за цивилите да можат да ги напуштат Киев, Мариупол, Суми и Харков.
Русија најави дека хуманитарниот коридор ќе биде отворен од 8 часот по локално време. Украинските власти допрва треба да ја потврдат оваа информација.
Русија соопшти дека „ќе ја следи и контролира евакуацијата на цивилите за време на прекинот на огнот од украинските градови со помош на беспилотни летала“.
– Затоа, предупредуваме дека сите обиди на украинската страна уште еднаш да ја измами Русија и целиот цивилизиран свет во нарушување на хуманитарната операција, наводно по вина на Руската Федерација, овојпат се бескорисни и бесмислени – се наведува во соопштението.
Од руското Министерство за одбрана посочуваат дека се чекаат конкретни акции на официјалните киевски власти, како и раководството на споменатите градови.
Да потсетиме, вчера повторно беше запрена евакуацијата на цивилите од опколениот град Мариупол на југоистокот на земјата.
Проруските сепаратисти и Украинската национална гарда се обвинија меѓусебно дека не успеале да воспостават хуманитарен коридор од Мариупол во неделата, што е уште еден обид за евакуација на цивили.