Русија најави дополнителни проверки и контрола на турските стоки
Рускиот регулатор „Росселхознадзор“ ќе ја засили контролата врз снабдувањето на земјоделски продукти од Турција, со што ќе организира дополнителни проверки на руската граница и на производството од самата Турција.
Ова го објави денеска рускиот министер за земјоделство Александар Ткачев, соопшти Интерфакс.
„Имајќи ги предвид постојаните прекршувања од страна на турските производители на руските норми, Владата на Руската Федерација и нареди на „Росселхознадзор“ да го стави под засилен надзор снабдувањето на земјоделски производи и храна од Турција, како и да организира дополнителни проверки на границата и по местата на производство непосредно во Турската република“, изјавил Ткачев.
Министерот додал дека во земјоделскиот завод се поднесени претставки од корисниците и секторските сојузи во врска со безбедноста на обезбедените земјоделски продукти и храна од Турција.
„За жал, во просек околу 15% од турските земјоделски продукти не одговараат на руските норми“, прецизирал Ткачев.
