Русија му се заканува на најбогатиот човек на планетата: Ќе го уништиме „Старлинк“
Русите го предупредуваат Илон Маск, шефот на „Тесла“, дека
терминалите на неговиот „Старлинк“, кои ги ставил на располагање на Украина,
може да станат легитимна цел.
За време на неодамнешниот состанок на работната група на ОН за намалување на вселенските закани, претставникот на руската делегација, Константнин Воронцов, предупреди на „исклучително опасниот тренд“ на користење вселенски технологии за време на воени конфликти.
Тој спомна дека САД и нивните сојузници користат елементи на цивилна и комерцијална инфраструктура поставени во вселената за воени цели.
Иако конкретно не го спомна „Space X“, јасно е дека се мисли на компанијата на Маск – наведуваат научните портали.
Воронцов предупреди дека оваа провокативна употреба на цивилни сателити според „Договорот во вселената“ е под знак прашалник, бидејќи вселенската технологија може да се користи исклучиво за мирољубиви цели.
Исто така, тој предупреди дека поради таквите акции и индиректното вклучување во воени конфликти, таа „квазицивилна инфраструктура“ може да стане „легитимна цел на одмазда“.
Маск одговори преку Твитер, тврдејќи дека употребата на Starlink била наменета исклучиво за мирни цели.
Не само Русите имаат проблеми со сателитскиот интернет на Маск, туку и Кинезите.
Неодамна во јавноста „протече“ документ на научници поврзани со кинеската влада, во кој се нагласува потребата од развој на технологии и методи кои би можеле да ги уништат сателитите „Старлинк“, кои претставуваат скриени опасности и предизвици за Кина.
Фото: МИА
