Русија ја продолжува офанзивата во источна Украина, ракетни напади врз Запорожје на југот
Генералштабот на вооружените сили на Украина утринава соопшти дека руските војници ја продолжуваат офанзивата во источна Украина, а со цел да воспостават целосна контрола над регионите Доњецк и Луганск.
Како што се наведува, целта е да се обезбеди копнениот коридор меѓу тие територии и Крим, пренесува Укринформ.
Руските сили ја продолжуваат делумната блокада на Харков, како и ударите и блокирањето на украинските единици во зоната на фабриката Азовстал во Мариупол, истакнуваат од украинскиот Генералштаб.
Ракетни напади на руските сили во Запорожје
Руските сили утринава извршија ракетни напади врз Запорожје, на југот на Украина, соопштија регионалните власти.
Деталите за нападот се утврдуваат, пренесува „Украинска правда“.
Укринформ наведува дека руските сили концентрирале технологија и персонал на еден дел од фронтот и се обидуваат да напредуваат во правец на Запорожје.
„Грантирана населба кај Белгород“
Украинската армија ја гранатираше населбата Головчино во областа на градот Грајворонски во Белгородската област, соопшти гувернерот Вјачеслав Гладков. Тој на „Телеграм“ напиша дека при гранатирањето се оштетени неколку празни згради и четири куќи, но дека нема човечки загуби.
„Фала богу, нема загуби меѓу цивилите. Ќе се справиме со сите други проблеми“, посочи Гладков.
Населбата Головчино, која се наоѓа на 50 километри од Белгород, беше гранатирана од украинска страна на 19 април. Тројца локални жители побарале лекарска помош по нападот во кој биле оштетени 76 куќи и 17 возила. Гладков ветил дека куќите ќе бидат реновирани во најбрз можен рок.
Foto: epa
