Русија ја поддржа одлуката за отцепување на Крим, Татарите бараат заштита од Турција!
Рускиот Парламент им даде безрезервна поддршка на законодавците на Кримскиот Полуостров кои изгласаа отцепување на регионот од Украина и негово припојување кон Русија. Официјална Москва објави дека поддршката ќе продолжи да ја дава дури и по цена на евентуални санкции од САД и Европската унија.
Само еден ден кога едногласно се определија за отцепување од Украина, делегација кримски парламентарци се наоѓа во посета на Москва. Рускиот парламент им ветил дека Русија е подготвена да ја поддржи одлуката што ќе ја донесат жителите на Крим на 16 март, кои треба да потврдат дали сакаат во иднина да се дел од Русија.
На ваквиот развој на настаните се спротивставува украинското малцинство на Крим, но уште повеќе кримските Татари, муслиманско население на Полуостровот. Тие бараат помош од Турција, стравувајќи од руска интервенција и можноста регионот да потпадне под руска власт.
Околу 300.000 Татари живеат на Крим и тие сочинуваат 13% од населението. Тоа се потомци на луѓето кои во времето кога Крим припаѓал на Османлиското царство го прифатиле сунитскиот ислам за своја религија и турскиот како официјален јазик. Анкара се чувствува поврзана етнички и културно со „Кримските Турци“, како што Татарите се нарекуваат во Турција.
Слично
