Русија ја обвини Велика Британија за политизирање на убиството на Литвиненко
Руското Министерство за надворешни работи изјави дека заклучоците на британските истражни за смртта на поранешниот агент на КГБ Александар Литвиненко, се "пристрасни и нетранспарентни", пренесе РБК.
Портпаролот на Министерството, Марија Захарова го обвини Лондон дека го политизира прашањето, дополнува "Ројтерс".
"Жалиме што еден чисто криминален случај стана политичко прашање и ги помрачи нашите билатерални односи", изјавила Захарова пред новинарите. "За руската страна и руското општество процесот не е транспарентен, бидејќи доказите беа разгледувани зад затворени врати под изговор дека се доверливи", додаде таа.
Извештајот на судијата Роберт Овен посочи дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно го нарачал убиството на Литвиненко во 2006 година .Поранешниот агент на КГБ почина по труење со радиоактивен полониум-210. Според Лондон Путин и членови на неговиот кабинет имале сериозен мотив да преземат акција против Литвиненко, вклучувајќи го и неговото исчезнување од овој свет. Инспекторите сметаат дека двајца мажи кои Русија одбива да ги екстрадира - Андреј Луговој и Дмитриј Ковтун - ја исполниле тајната операција за убиството на Литвиненко по наредба на ФСБ и нејзиниот тогашен директор Николај Патрушев.
Луговој ги нарече обвиненијата против него апсурдни. Пред "Интерфакс" тој изјавил дека заклучоците на Лондон ја покажале уште еднаш антируската позиција на Велика Британија и нејзината неподготвеност да ја открие вистинската причина за смртта на Литвиненко.
Извори од Кремљ, кои побарале анонимност, коментирале пред ТАСС и "Интерфакс" дека заклучоците на истражните органи нема како да не се одразат сериозно на односите меѓу двете земји.
