Русија и САД во трка за Кина
Самитот на земјите-членки на организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка во Пекинг ги собра некои од најголемите светски лидер, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Барак Обама.
Во моментот кога меѓу Москва и Вашингтон тлее нова Студена војна заради случувањата во Украина, очигледен е обидот на двете страни да се доближат до Пекинг.
Така, Путин посетата на Кина ја започна со склучување на нов вреден енергетски договор со кој Кина ќе стане најголем увозник на руски гас во светот. Вредноста на мега-договорот се проценува на околу 400 милијарди евра. Меѓу Путин и кинескиот претседател Кси Џинпинг постои силна врска на пријателство, а и двајцата во САД гледаат голема империјалистичка сила, која се меша во работите на другите, сметаат аналитичарите.
Наспроти ова, Обама побрза на Кинезите да им понуди либерализација на визната политика, а потпиша и договор за заемно намалување на царинските давачки за информатичка технологија. Ова досега беше жешко прашање за американско-кинеските односи, кое стигна и до спор пред Светската трговска организација.
Американските односи со Кина се доволно сложени и без триаголникот со Русија. САД, како сила која веќе воспостави доминација и Кина, како сила која тукушто покажува претензии кон регионот, постојано си ги одмеруваат силите. Но, официјално, и Обама и Кси велат дека се залагаат за подобрување на односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Но, за да се реализира ова Кина има еден услов - САД да ја гледаат како рамноправен партнер.
Слично
