Економија, финансии, бизнис

Контакт

Русија го нарече европскиот „нуклеарен чадор“ директна стратешка закана

Русија го нарече европскиот „нуклеарен чадор“ директна стратешка закана

Плановите за зајакнување на европскиот „нуклеарен чадор“ претставуваат директна стратешка закана за Русија и ќе мора внимателно да бидат земени предвид во руското воено-политичко планирање, изјави рускиот амбасадор во Берлин, Сергеј Нечаев.

Како што пренесуваат руски медиуми, повикувајќи се на РИА Новости, Нечаев реагирал на можноста Германија да учествува во заеднички европски вежби поврзани со нуклеарно одвраќање. Според него, секој план за проширување или зајакнување на европскиот нуклеарен штит Москва го оценува како прашање од стратешко значење.

Рускиот дипломат порача дека Москва внимателно ќе ги следи ваквите иницијативи, а воедно оцени дека нуклеарните можности на Русија и на европските земји се „неспоредливи“. Тој додаде дека западните земји, според негово мислење, се свесни какви последици би имало евентуално користење или закана со користење нуклеарни сили против Русија.

Изјавата доаѓа во период кога Франција и Германија ја отворија темата за посилна европска улога во нуклеарното одвраќање. Во заедничката француско-германска изјава од март се наведува дека двете земји ќе воспостават поблиска соработка во областа на одвраќањето, вклучително и преку германско конвенционално учество во француски нуклеарни вежби и заеднички посети на стратешки локации.

Ројтерс претходно објави дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја поддржал обновената француска нуклеарна доктрина, но нагласил дека американскиот нуклеарен чадор останува клучна гаранција за европската безбедност. Според Ројтерс, Макрон најавил дека Франција ќе го зајакне својот нуклеарен капацитет и ќе отвори простор за поголема соработка со европските партнери.

Москва во повеќе наврати ја критикуваше зголемената воена активност на НАТО и европските сојузници во близина на руските граници, оценувајќи ја како милитаризација на континентот.

Слично

Поврзани вести