Русија ги вади Украина и Турција од гасоводната игра
Во рамките на Источниот економски форум, Русија потпиша договор за изградба на „Северен поток 2“ и тоа може да ги извади од „гасоводната игра“ Украина, Турција и Азербејџан, пишува во својата анализа руската новинска агенција „Regnum“.
За новиот гасовод се прозборе уште за време на економскиот форум во Санкт Петербург и тој не е само техничко решение, додава весникот. Идејата за изградба на нов гасовод што ќе ги поврзува Русија и Германија по дното на Балтичкото Море, содржи политички и геополитички колорит.
Неколку години Москва ја изјавува својата намера да ја заобиколи Украина како транзитна земја на гасот за Европа. Еден од плановите во таа насока - „Јужен поток“, беше блокиран од Европската комисија преку Бугарија. Негов наследник е - „Турскиот поток“, кој исто така, е на пат да пропадне.
Со идејата за „Турски поток“ Русија и понуди на Турција да стане еден од водечките енергетски хабови во Блискиот Исток. Анкара, сепак не ја искористи оваа прилика, предводена од „романтични геополитички претстави“, а наместо тоа мораше да се оцени ситуацијата пореално, пишува уште „Regnum“.
Потсетуваме дека Турција побара не само да е транзитен центар на руски гас за Југоисточна Европа, туку и да учествува рамноправно со „Газпром“ во трговијата на суровината. Така, иако рускиот гасен гигант беше подготвен да започне со изградбата на гасоводот уште во мај, досега работата на проектот не е започната.
Во исто време дестабилизацијата на Блискиот Исток, не ги запира плановите на Азербејџан да изгради гасовод од Каспиското Море до Европа - првиот чекор е Трансанатолскиот гасовод (TANAP), кој поминува низ Турција.
Во „Северен поток 2“ главен акционер е „Гаспром“, кој ќе содржи 51% од капиталот на новиот проект. Останатите удели се делат на „E. On, Shell“, „OMV“ и „BASF“ (Wintershall) - со 10%, како и француската „Engie“, поранешната „GdF Suez“, која ќе ги содржи останатите 9%.
Москва веќе покажува и познати знаци дека ќе го почитува Третиот либерализационен пакет на ЕУ во енергетиката - во почетокот на август објави тендер за набавка на слободен капацитет на продолжетокот на „Северен поток“ - „Opal“ за зимската сезона.
Тоа беше една од пречките за реализација на „Јужен поток“ - Русија одбиваше категорично да се усогласи со правилата на ЕУ во областа, тврдејќи дека тоа е меѓународен проект.
