Русија ги премести воените бродови од Крим?
Руските воени бродови го напуштија анектираниот полуостров Крим.
По серијата напади врз седиштето на руската Црноморска флота, Москва ги премести своите воени бродови. Веста ја објави независниот медиум The Bell, повикувајќи се на сателитски снимки кои ги споделија воени блогери.
Фрегатите Адмирал Есен и Адмирал Макаров, три подморници, пет големи десантни бродови и неколку помали ракетни бродови сега се закотвени во пристаништето Новоросијск во руската област Краснодар. Адмирал Макаров станал заповеден брод на Црноморската флота на руската морнарица откако лани е потопен ракетниот крстосувач Москва.
Сателитските снимки од почетокот на октомври покажуваат дека голем десантен брод, миночистачи и други помали пловила се преместени од Севастопол на југозападен Крим до пристаништето Феодосија на истокот на полуостровот. Минатиот месец, во Севастопол имаше два големи украински ракетни напади, прво на 13 септември, кога подморница и голем десантен брод беа тешко оштетени, а потоа на 22 септември, кога беше погодена командата на Црноморската флота.
Британското Министерство за одбрана во понеделникот објави дека руската Црноморска флота „најверојатно ќе се пресели во Новоросијск соочена со заканите во Севастопол“, додека демонстрира сила со зголемена активност на поморските воздухопловни сили.
Украина го осуди рускиот напад во селото кај Харков во кое загинаа 51 лице. Загинаа сопруга и син на загинат украински војник за кој се одржувала комеморација. При руски ракетен напад убиено е 10-годишно момче и неговата баба во Харков. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари 2022 година.
