РУСИЈА ДЕМАНТИРА: Немаме информации за цивилни жртви во Сирија
Кремљ не располага со информации за вистинитоста на податоците од организацијата „Амнести интернешнал”, која сопшти дека во руските воздушни напади во Сирија голем број од жртвите се цивили.
Ова го изјави денеска портпаролот на претседателот Владимир Путин и додаде дека се уште не го имаат погледнато извештајот на организацијата.
Инаку, Сириската опсерваторија за човекови права вчера излезе со податоци дека во руските воздушни напади во Сирија, до сега се убиени 2.132 луѓе, од кои третина се цивили.
Во нападите на Русија до сега имало 710 цивилни жртви, меѓу кои и 161 дете на возраст до 18 години и 104 жени.
Освен тоа убиени се и 598 припадници на Исламска држава и повеќе од 824 борци на Ал нусра фронт, локалниот огранок на Ал каеда, и други бунтовнички групи.
