Економија, финансии, бизнис

Контакт

Русија бара федерализација на Украина

Русија бара федерализација на Украина
Речиси четири часа разговараа во Париз американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, барајќи решение за кризата во Украина. Но, не успеаја да се договорат за излез од тензиите кои ги заладија односите меѓу Вашингтон и Москва на ниво незапаметено од крајот на Студената војна. Според Лавров, разговорите биле конструктивни и двајцата се договориле да ги продолжат, а главното несогласување меѓу САД и Русија е околу прашањето кои се причините што ја предизвикаа кризата во Украина. Шефот на руската дипломатија по средбата истакнал оти став на официјална Москва е дека Украина не може да функционира како единствена држава, туку дека треба да биде лабава конфедерација на региони кои самостојно ќе се определат за економскиот модел, јазикот и религијата. „Уверени сме дека федерализмот е многу важен елемент на уставните реформи што мора да ги спроведе Киев“, рекол Лавров. Американскиот државен секретар Кери ја повикал Русија да ги повлече своите оружени сили од границата со Украина затоа што тие само создаваат клима на заплашување и страв во Киев. Тој ветил дека САД ќе работат со украинските власти на унапредување на правата на сите малцинства кои живеат во Украина. Што се однесува до идеите за федерализација на Украина, Кери нагласил дека сите разговори за иднината на оваа земја мора да се водат во присуство на украинските лидери. „Ниту една одлука за Украина не може да биде донесена без Украинците“, истакнал Кери. Средбата на двајцата шефови на дипломатии дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во петокот телефонски разговараше со американскиот колега Барак Обама за да ги разгледаат деталите од американскиот план за дипломатско надминување на украинската криза.
Слично

Поврзани вести