Русија бара ЕК да решава прагматично за „Турски поток“
Европската комисија (ЕК) треба да ja донесе прагматично одлуката дали да дозволи изградба на втората цевка на „Турски поток“, повика рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој коментира дека Брисел не треба да решава за проектот врз основа на политички основи, пишува руската новинска агенција ТАСС.
„Во текот на повеќе од 20 години Русија е сигурен снабдувач на енергоресурсите, обезбедување 60% од потребите на гас и над 15% од потребите од нафта на Европа“, посочува уште Лавров.
Тој, сепак, е категоричен дека по искуството на Москва со „Јужен поток“, продолжението на „Турски поток“ на територијата на ЕУ ќе стане само по 100% гаранции од Брисел дека проектот ќе биде реализиран.
Во средата рускиот министер за надворешни работи беше во посета на Грција, каде што оствари средби со претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи на земјата. Главните теми на разговорите беа ситуацијата на Блискиот Исток, кипарското прашање и економските односи меѓу Грција и Русија. Лавров беше категоричен дека има значителен потенцијал во однос на врските во сферата на енергетиката.
Плановите на Русија за „Турски поток“ предвидуваат изградба на две цевки - со првата ќе бидат напојувани корисниците во Турција, а втората - преку територијата на Грција до Италија. Двете цевки ќе имаат капацитет од 15,7 милијарди кубни метри годишно.
Втората цевка може да го напојува со суровина заборавениот неодамна проект за гасовод „Посејдон“.
