Груевски: На 23 декември да имаме избор што ќе биде без никаква дамка, потоа да продолжиме со здружени сили
Лидерот во оставка Никола Груевски во врска со претстојниот партиски конгрес денеска изјави дека во моментот има внатрепартиска кампања и, како што рече, кога има внатрепартиска кампања има се и сешто.
– Јас слушнав дел од тие забелешки и затоа се произнесов на мојата Фејсбук страна. Испратив одредени пораки, после кои што се надевам дека работите се малку потсредени, рече Груевски.
Посочи дека кога има повеќе заинтересирани, секогаш има и по некој незадоволен.
– Важно е да се почитуваат, бидејќи после 23 декември ќе треба да соработуваат и да бидат на иста страна, да не ги поведат емоциите, туку разумот. На 23 декември да имаме избор што ќе биде без никаква дамка и од 24 декември натаму со здружени сили партијата да продолжи и што е можно побрзо да се врати на власт, изјави Груевски пред Кривичниот суд по одложувањето на рочиштата за предметите „Траекторија“ и „Насилство во Центар“, во кои тој е еден од обвинетите.
