РОДЕН Е ВО УКРАИНА, А РУСИТЕ ГО УБИЛЕ ТАТКО МУ: Волобуев избега од Русија и замина да си ја брани татковината
Избегал од Русија и заминал во Украина каде се приклучил на украинската армија. Ова го направил потпретседателот на руската државна банка Газпромбанк, Игор Волобуев.
Волобуев за независниот руски портал „Инсајдер“ и за украинскиот деловен портал „лига.нет“ изјави дека на 2 март ја напуштил Русија и се приклучил на украинските сили.
„Не можев од страна да гледам што ѝ прави Русија на мојата татковина. Русите го убија татко ми, моите познаници и блиски пријатели. Татко ми живееше во ладен подрум еден месец. Луѓето што ги познавам од детството ми кажаа дека се срамат од мене“, изјави Волобуев.
Тој е роден во североисточниот украински град Охтирка. Вели дека никој во Русија не знаел за неговото заминување. Претходно од Русија заминаа првиот заменик-претседател на Сбербанк, Лев Касис, претседателскиот пратеник Анатолиј Чубаис и заменик-претседателот на „Аерофлот“, Андреј Панов. Повеќе од два месеци има војна во Украина. Русија на 24 февруари ја нападна Украина и има неколку клучни барања кои бара соседот да ги исполни.
